ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ЕМИЛ ПАВЛОВ: Ќе остане голема празнина што не настапив на ЛОИ, среброто на СП е историски успех за Македонија

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Емотивно и искрено интервју со најдобриот каратист во Македонија, Емил Павлов. Павлов за ЕКИПА.МК говореше за големиот успех и освојувањето на сребрениот медал на Светското првенство во Дубаи, но и за големото разочарување откако не успеа да се пласира на Летните олимписки игри во Токио. 

Тој вели дека никогаш не треба да престане да се сонува и само со напорна работа и голема посветеност сите сни еден ден ќе станат реалност. 

Ни откри за неговата соработка со српската олимписка шампионка Јована Прековиќ, а со нас сподели и една интересна приказна која му се случила пред освојувањето на првото златно одличје на Европските првенства, медалот во Тампере, кога само два месеци претходно доживеал големо разочарување во животот. 

==========================================================================================================================

ПРВАТА БОРБА СЕКОГАШ Е НАЈТЕШКА…

Го освои сребрениот медал на Светското првенство. Твои импресии за историскиот успех и колку значи овој медал за тебе?

Искрено пресреќен сум за овој историски успех. Успех не само за мене туку и за каратето, но и спортот во Македонија. За првпат во нова категорија, нови противници и тоа многу потешки. Но, по разочарувањето што не отидов на ЛОИ во Токио се подготвував за ова Светско првенство и оваа нова категорија и на крајот се се заврши како што треба. Второ место шест борби, пет победи еден пораз. Во финалето убедлив пораз од еден од најдобрите светски каратисти во моментов, актуелен европски, светски и олимписки шампион, Французинот Да Коста. За прпват се сретнав со него иако знам што работи сепак не е исто. Во првиот дел од борбата бев добар, но противникот искористи неколку моменти, ми поведе убедливо и на крајот не можев да се вратам. Ова е голем мотив за мене да продолжам и понатаму да работам макотрпно, па на следното првенство да го нападнам и златниот медал. Секогаш првата борба ми е најтешка и најстресна. Се борам многу стегнато и воопшто не сум опуштен. Доколку ја поминам таа борба можам да кажам дека како одминува турнирот се чувствувам се подобро и подобро. Не знам отсекогаш го имам тој проблем. Секогаш во првата борба работам стегнато и немам самодоверба. Истото се случи и на Европското првенство во Србија 2018 година исто имав проблеми во првата борба која ја победив во финишот истото ми се случи и сега и потоа како течеа борбите бев се подобар и подобар и стигнав до крајот. 

ЛОШИТЕ ПОДГОТОВКИ БЕА КЛУЧНИОТ ФАКТОР ЗА ТОА ШТО НЕ ИЗБОРИВ ПЛАСМАН НА ЛОИ! 

Не успеа да се пласираш на ЛОИ во Токио. Колку беше тоа личен удар за тебе? 

Пред да се случи короната во март 2020 година јас бев во голема форма. На Премиер-лигата во Салцбург го освоив првото место. Го победив првиот на светската ранкинг листа и бронзен на игрите во Токио, а победив и против актуелниот светски шампион. Се случи короната и кај нас можам да кажам буквално бев оставен сам на себе. Се трудев и тренирав сам колку што можам за да ја одржам формата. По една година се вратив со медал од премиер-лигата во Истанбул каде освоив бронза. Мислам дека немав добри услови за подготовка. Не се знаеше што понатаму, немаше некој стратегија и план. Сметам дека цела таа корона криза се поремети. Не сакаше никој да го се нафати да организира подготовки за мене, па затоа се трудев сам колку што можев. Но, знаете кога размислувате на многу други работи, освен на тренингот тоа ти зема многу енергија и не можеш да бидеш фокусиран на подготовките и тренинзите. Мислам дека пред Париз бев претрениран поради тоа што немав добри подготовки. Немаше никаква организација, не ги добив тие услови кои што ги заслужив. Едноставно така требало да биде. Тоа е спортот, тоа е животот. Не сакам да се враќам на тоа. Сепак, морам да се заблагодарам на Јована Прековиќ и нејзиниот тим кои ме вратија во каратето. Бев на подготовки со нив и успеав да се освежам и благодарение на нив успеав да соберам сили и да почнам да се подготвувам за Светското првенство.

ЌЕ ОСТАНЕ ГОЛЕМА ПРАЗНИНА ПОРАДИ ТОА ШТО НЕ БЕВ ВО ТОКИО!

Освојувач си на европски и светски медали, дали ќе остане празнина тоа што не успеа да бидеш дел од Олимписките игри? 

Искрено ќе остане голема празнина и разочарување тоа што не бев дел од ЛОИ во Токио. Бидејќи со овие успеси на Европско и Светско првенство, навистина е жално што во кариерата нема да имам учество на Олимписки игри, бидејќи тие се сон за секој спортист. Но, што е до мене јас дадов се од себе да учествувам, но на крајот не успеав. Така требало да биде. Можеби во некој следен период ќе бидам таму како тренер. Го оставив тој момент позади мене. Се надевам дека во следен период како тренер ќе бидам таму, или пак 2028 ако каратето повторно се врати во олимпиското семејство. Јас додека можам ќе давам се од себе и не планирам да застанам овде и да се откажам. Доколку имам максимални услови за тренинг и натпревар јас ќе се натпреварувам бидејќи сето тоа го правам со голема љубов. Сепак, ако немам услови не знам дали ќе продолжам бидејќи веќе сум и во поодминати спортски години, досега се што правев бев фокусиран само на спортската кариера и пак ќе кажам ако има услови јас ќе продолжам, но ако нема може и да се откажам.

Жарко Арсовски е првиот медалист за Македонија од СП. Колку значеше за тебе работата со него? 

Ќе биде неблагодарно да кажам дека Жарко Арсовски не ми помогнал. Од мал тренирам заедно со него и неговиот брат Сашко. Тие многу ми помогнаа во мојата кариера. Иако сме голема разлика во категории тие беа секогаш во тешка, Жарко и Сашко секогаш беа со мене на сите тренинзи. Посветуваа многу време на мене. Сепак, мојата труд и упорност беа исто многу важни. Во младите категории немав успеси, но никогаш не се откажував и најголема заслуга за тоа имаат моите родители и моето семејство и дефинитивно ти се најзаслужни за моите успеси, заедно со моите тренери кои целото нивно искуство и знаење ми го пренесоа мене.

Можеш ли да направиш некоја споредба меѓу работата во Македонија и останатите земји?  

Голем предизвик за секој спортист е да вежба со најдобрите. Само така може да има напредок за сите. Едноставно ние треба што повеќе да имаме соработка со околните земји. Сите земји во светот го прават тоа. Тренираат заедно со своите соседи и постојано напредуваат. Многу е поразлично кога тренираш со врвни спортисти. Во клубот веќе се знаеме сите едни со други и затао треба да работиме и со други. Кога работиш со најдобрите секоја твоја грешка ја користат и можеш само да напредуваш. Затоа мислам дека најдобрите каратисти треба да тренираме заедно. Проблемот е што голем дел од нашите тренери мислат дека знаат се. Не само во каратето туку во сите спортови тоа е најголемиот проблем. Сите се удараат во гради и мислат дека никој не знае повеќе од нас, а тоа е најголемата грешка. Јас отсекогаш сум земал пример од сите тренери, колеги и секој совет ми е добредојден, бидејќи може да ми биде корисен. Во глобала тој момент мора да го промениме за да може сите млади каратисти и пред спортисти да имаат напредок и да ме надминат во моите успеси.

Во младинските категории немаше големи успеси. Како се случи тој пресврт во кариерата со кој стана најдобриот македонски каратист на сите времиња?  

Јас навистина имав голем притисок, посебно од тие што не веруваа во мене. Зошто тренираш толку тренираш, губиш постојано, пробај некоја друга работа некоја со која ќе имаш сигурна иднина. До 22 години немав никаков успех, не можев да влезам во репрезентација, а тренирав многу. Упорноста е дел од мојот карактер и подршката од моите родители никогаш не ми дозволува да се откажувам. Во тие моменти беше многу тешко дури и да учествувам на натпревари, бидејќи мојата фамилија не беше доволно богата за да може да си дозволи да учествувам на секое натпреварување. Сепак, тие во рамките на своите можности секогаш гледаа да не се откажам и да може да имам барем минимални услови за да можам да тренирам. Има голем број на спортисти кои во млади категории постигнувале одлични резултати, но кога ќе дошле во сениорска конкуренција се губат и брзо се откажуваат. Поразите ме научија да бидам многу појак психолошки и никогаш да не се откажувам. Кога го постигнав тој успех на 22 години, прво злато за Македонија на Европско, продолжив со победи и со големи резултати. Секој млад спортист никогаш не треба да се откажува од својот сон и само ако тренира и биде посветен на тоа што го сака, резултатите еден ден ќе дојдат.

ПО ГОЛЕМО РАЗОЧАРУВАЊЕ, СЕКОГАШ СЛЕДУВА ГОЛЕМ УСПЕХ! 

Интересна приказна ти се има случено пред освојувањето на првиот златен медал на ЕП. Два месеци пред првенството си доживеал големо разочарување, дали на крајот тоа претставувало една среќа во несреќа за тебе? 

Постојано на државни првенства кога губев, веднаш започнував со тренинзи. Разочарувањето сакав да го надминам со повеќе тренинзи и работа. Успеав првпат да влезам во репрезентација на 21 година и бев седмопласиран на тој прв шампионат во Будимпешта, а веќе следната година станав европски шампион во Тампере. Имав тежок период пред првенството во Финска. Бидејќи каратето не е спорт во кој има многу финансии истовремено и работев и тренирав. Работев како обезбедување по 12 часа дневно, а истовремено и тренинирав по двапати дневно. Решив да конкурирам за полицаец, два месеци пред ЕП во Финска. Можам да кажам дека ги поминав сите проверки со максимум поени, но за жал не ме примија што беше исто така големо разочарување за мене. За голема среќа после неколку месеци се случи ЕП во Тампере и го освоив првото место. Така сакало да биде. Доколку ме примија да работам во полиција, веројатно или немаше да учествувам на европското првенство или немаше да можам да бидам доволно фокусиран за тој шампионат. Доколку си максимално посветен и упорен и се даваш целиот за спортот кој го сакаш, резултатите на крајот ќе си дојдат.

Се вчитува...