Најталентираниот македонски атлетичар Дарио Ивановски запиша нов извонреден резултат завршувајќи на 4. место на 50. Интернационален крос кантри натпревар „Белиот крос“ во Белград, што е најдобар резултат на овој крај во историјата на македонската атлетика.
На кросот кој е познат по стартот на сезоната за бројни елитни европски атлетичари, во силна конкуренција меѓу десеттина најдобри атлетичари од Балканот и од регионот, 19-годишниот Ивановски главната сениорска трка на 6.000 метри ја истрча со време од 18 минути и 35 секунди. Победи најдобриот унгарски крос натпреварувач, Ласло Грегор со време од 17 минути и 44 секунди, пред еден од најталентираните Балканци, Осман Јунузовиќ од БиХ со 17 минути и 51 секунда, е трет беше бронзениот од Европското првенство во крос за атлетичари до 23 години, Србинот Немања Церовиќ со време од 18 минути и 2 секунди.
Зад Ивановски остана и Унгарецот Бене Барнабаш, Олимпиец од Унгарија, победник на овој крос во 2013 година, како Велимир Бојовиќ од Србија кој во Македонија е препознатлив по убедливите победи на Охридскиот маратон.
„Сезоната ни почна навистина фантастично, согласно сите наши претходно поставени планови. Рекордот на 3000 метри во сала, моќните контролни трки на 1.500 и 3.000 метри за време на подготовките во Добрич, беа најава и за овој голем успех во Белград. Но, време за прослави нема. Веднаш продолжуваме со нов циклус од двонеделни подготовки на наше тло за Балканското и Европското првенство во сала кои ќе се одржат во Белград на крајот од овој месец и почетокот на март. Дарио дефинитивно е во извонредна форма, па со право очекувам и медал од Балканското првенство“ – вели од Белград за ЕКИПА, тренерот на Ивановски, Игор Јакимовски.
Јакимовски и самиот настапи на „Белиот крос“ во Белград освојувајќи го 24. место со време од 21 минута и 5 секунди. На кросот настапи уште еден македонски атлетичар, Милош Ранчиќ кој стигна до 8. место со време од 19 минути и 22 секунди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА