Мурињо: Барам клуб во кој ќе бидам само тренер, ќе мислам само на фудбал

Жозе Мурињо веќе неколку месеци е без ангажман откако доби отказ во Рома, а португалскиот стратег веќе најави дека е подготвен да се врати на „најважната споредна работа на светот“.

Неочекувано, неговото име не се споменува меѓу фаворитите кога станува збор за врвните клубови кои бараат нов тренер (Ливерпул, Баерн, Јувентус), но Мурињо е убеден дека ќе добие понуда каква што заслужува.

„Не сум човек што се плаши да работи во клубови кои „не се создадени за освојување на трофеи“. Одредени тренери, кога ќе стигнат до некое ниво, сакаат да бидат само во клубови со кои ќе атакуваат на пехари. Јас сум поинаков, јас сакам од мојот тим да создадам моќен состав што ќе освојува трофеи“, изјави Мурињо.

Потоа, тој додаде што му е многу важно во изборот на следниот ангажман, меѓу редови критикувајќи ги челниците на Рома што му дадоа премногу обврски надвор од тренерскиот ангажман.

„Мојот ангажман од соништата во моментов? Да бидам само тренер, тоа е мојот сон. Да сум тренер, да имам работа само со екипата, да сум фокусиран на развојот на моите фудбалери, на подготовките за следните натпревари. Во последните години имав премногу ситуации кога морав да бидам многу повеќе од тренер, клубот ме ставаше во позиција во која не сакав да бидам. Би сакал тоа никогаш во иднина да не ми се повтори“, порача Жозе Мурињо.

Португалецот во текот на вчерашниот ден беше присутен на „Крејвен Котиџ“ на премиерлигашкиот дуел меѓу Фулам и Ливерпул, по што дел од британските медиуми најавија дека „специјалниот“ веќе почнал преговори со „црвените“ за да го наследи Јирген Клоп на „Енфилд“.

Се вчитува...