МЗТ реди победи – кренат пехарот на „Земун куп“ во Белград

МЗТ Скопје ја продолжи серијата победи во подготвителниот период откако македонскиот првак го крена пехарот на „Земун купот“ што се одржуваше во Белград, во финалето славејќи над Младост Земун со резултат 86-80. Во меч со бројни осцилации „металците“ делуваа доминантно кога стартната петорка беше на теренот, но доаѓаше до сериозен пад кога тренерот Петровиќ ќе ги повлечеше стартерите од игра (Војдан и Дамјан Стојановски, Миќовиќ, Кафи и Максвел).

Првото полувреме мина во израмнета игра во која аеродромци заминаа на одмор со два поени предност. МЗТ делуваше импресивно во првите пет минути од третата четвртина, во која слично како и во вчерашното полуфинале, македонскиот шампион успеа посериозно да се одлепи и да стигне до двоцифрено водство (58-46). Сепак, по направените измени дојде до сериозен пад во играта на „металците“, што Младост го искористи за целосно да се врати во мечот. Српскиот состав дури имаше и предност во последната четвртина, но МЗТ заигра најдобро кога беше најзначајно, вртејќи го резултатот во своја полза.

Дамјан Стојановски постигна пет поени во серија (контранапад, па тројка) и ја одведе предноста на осум поени (80-72), позитива што придонесе да се влезе во мирен финиш со заслужена победа на МЗТ Скопје.

Кафи беше најефикасен во таборот на МЗТ Скопје со 19 поени, пред Миќовиќ со 12 и центарот Максвел со 11 постигнати поени.

Се вчитува...