Денот кога кошарката го загуби својот Моцарт – Пред 29 години загина Дражен Петровиќ

На денешен ден пред точно 29 години, еден од најголемите европски кошаркари на сите времиња, Дражен Петровиќ замина во вечноста. Нема роденден на Дражен или годишница од неговата смрт која кошаркарските фанатици ширум светот пропуштиле да ја одбележат сите овие 28 години.

Многу мастило е потрошено сите овие изминати години во обидите со збор да се опише кошаркарска големина како Дражен Петровиќ, пишувани се бројни книги, монографии, подготвувани се документарни филмови, но никогаш до крај вистински не може да се заокружи делото на хрватскиот кошаркар… Дражен самиот по себе, веќе е мит!

Момчето од Шибеник, кого во неговиот град сите го препознаваа како „нашиот малечок“, дебитираше за матичниот клуб во 1979 година, а последниот натпревар го одигра во 1993 година, неполни 14 години потоа.

Кошаркарскиот Моцарт, како што го препознаваа насекаде во светот, својот пат на паркетот го почна на 13-годишна возраст.

„Никогаш не пропуштив ниту еден тренинг. Никогаш! Знаев да уфрлам после тренинзите и плус по 500 топки кон кошевите, а потоа поставував столови и дриблав уште половина час“ – ја објаснуваше Дражен тајната на својот успех.

Многу брзо во кариерата неговиот матичен клуб Шибеник му стана само отскочна даска, а веќе со неполни 20 години тргнувајќи по својот брат Александар Петровиќ беше лидер на моќната Цибона. Откако со репрезентацијата на поранешна СФРЈ освојуваше се што може да се освои на светските, европските и олимписките шампионати, многу брзо во дресот на Реал Мадрид стана најдобриот европски кошаркар.

 

Се вчитува...