Едно од најпријатните изненадувања на кошаркарската сцена во последните децении несомнено е составот на ТФТ. Клубот формиран во 2018 година оваа сезона ги руши стандардите меѓу „елитата“ и се наметнува како проект кој ќе биде одлично освежување на мак-баскет сцената, а она што радува е тоа што клубот е тука за да остане. Зад него најгласно е името Боро Смилковски, претседателот на клубот и воедно тренерот на „црно-белите“.
„ТФТ беше формиран по рекреативен баскет или кошарка „пет на пет“, кога неколку ветерани вклучувајќи ме и мене и капитенот Едис Нури, на едно пиво после утакмица рековме зошто да не пријавиме ветеранска екипа. Мислевме дека би било најлесен степен на натпреварување да започнеме од третата лига, барем да го официјализираме ова што се шегуваме на дневна основа и два, три пати во недела што играме кошарка меѓу нас, бидејќи имаме искуство со тоа од претходно. На целата приказна влегоа и две, три перспективни деца од нашето опкружување, од Тафталиџе и тогаш веќе почна да се надминува онаа првична приказна, па рековме ајде да направиме нешто сериозно“ – го започнува разговорот Смилковски за ЕКИПА.
Процесот на премин и адаптација од Втората во Првата лига е добро познат за младиот стратег кој го има поминато два пати во својата кошаркарска кариера, првиот со КК Фаворити, вториот со ТФТ, па Смилковски ги сподели најголемите предизвици со кој може да се соочи еден „новалија“.
„Процесот на влез од Втора во Прва лига од играчки аспект, можеби и не е најтешкиот дел од задачата. Сето тоа според мене и моето искуство е процес каде што организацијата треба да созрее за да може да го замени степенот на функционирање во Втората лига, кој што за жал кај нас е се уште полуаматерски. Притоа организацијата да може да ја поднесе таа трансформација од Втора во Прва лига, и да го поднесе се’ тоа што значи Прва лига. Во првата година од нашето постоење изборивме место во разигрувањето што беше многу битно. Направивме резултат што не’ стави во првите пет, шест клуба и со тоа поставивме здрави темели на целата организација, го промовиравме проектот и повторно ја загреавме кошаркарската неутрална јавност, особено го заживеавме маалскиот живот во Тафталиџе и сето тоа беше добра потпора за во втората година да имаме сериозна амбиција тоа да биде, јасно и гласно, влез во Првата лига. Организациски и играчки го заслуживме сето тоа, а и покрај тоа што сезоната беше прекината од коронавирусот, најодговорно тврдам дека бевме убедливо најдобрата организација, а и од играчки аспект бевме најдобрата екипа во Втората лига.
Еден од најтешките предизвици за Смилковски како претседател е да се обезбеди буџет за функционирање на клубот.
„Двете години во Втората лига, високите амбиции, многу љубов и многу труд беа доволно за да поставиме темел на организација која што допрва ќе ја доградуваме, бидејќи имаме и поголеми цели и амбиции. Како организација мислам дека направивме добра работа во Првата лига, резултатите се можеби и неочекувани за нас, меѓутоа верувам дека се’ тоа коегзистира едно со друго. Секој што ќе каже дека финансискиот дел не е предизвик, лаже. ТФТ можам искрено да кажам дека ако не е единствениот, е еден од двата приватни клуба кои што се натпреваруваат во Првата лига. Не би навлегувал во бројки и суми, но ако повлечеме некоја паралела во однос на нашиот буџет и финансии во однос на општинската помош и државната помош преку ваучерот и во однос на клубовите со кои ние се натпреваруваме е некој „нонсенс“ и научна фантастика за мене. Клубот од самиот почеток до ден денес се финансира од енормно големи ентузијасти кои се фанатици и на крај нивниот фанатизам се граничи со лудило“ – додава првиот човек на ТФТ.
Дека тимот од Тафталиџе нема намера да биде „чудо за една сезона“ говорат целите на клубот кои не се насочени само на Првата лига.
„Во маалски муабет и друштво на маса, јас реков титула со ТФТ за пет години. Колку и да звучи смешно, колку и да, на некој начин е неостварливо јас секој ден легнувам и се будам со таа помисла и мислам дека ќе ја остварам. Целите на клубот се големи, веќе размислуваме и за формирање на женски тим од следната година, нешто што би било сосема поинаку од било што, што се случува во женската кошарка во Македонија во моментот. Уште од минатата година започнавме и со младинска школа и Академија на ТФТ. Има најава дека младинските лиги ќе продолжат, а ние напоредно веќе и работиме со млади, во моментот имаме околку 100 членови. Целта да развиваме свои продукти е апсолутно еден од приоритетите на клубот, меѓутоа секако тоа не е некој процес што се создава преку ноќ, потребно е време, доста инвестирање и доста вложување, труд и работа. Една од најголемите амбиции ни е да најдеме и свој дом на територијата на Тафталиџе, имавме во план да ги играме натпреварите во Првата лига во спортскиот центар Форца кој е во срцето на Тафталиџе, меѓутоа корона пандемијата и неизвеноста ни ги поремети плановите, па донесовме одлука натпреварите да ги играме на неутрален терен во СЦ „Кале“ – открива Смилковски.
Која е формулата за успехот на ТФТ оваа сезона?
„За мене тој момент надвор од теренот е можеби и таа духовна сила која што ТФТ проектот и клубот ја носат со себе. Сите тие дружби, без разлика дали станува збор за победа, пораз или било што, се одбележани на еден неверојатен начин, тоа ни е секојдневие. Можеби ќе звучи клише, но ние сме буквално фамилија. Со самото тоа можеби се губи професионализмот, но и се побива со една правилна работа и правилна хиерархија на паркетот каде што јас сум тренер, а оние се играчи, и знаат за што сум спремен да направам за нив. Сето тоа се одразува со целиот позитивен „фидбек“ кој што го добиваме, особено од неутралната јавност и со тоа се формира еден нов природен кошаркарски центар во државата. Сите тие пораки дека луѓето од времето на Марк Дин не виделе ваква кошарка во Македонија и слични работи, се сатисфакцијата за која се будам во шест часот наутро, полн со енергија. Ние сме тука за да ги срушиме стереотипите, за да го срушиме системот. Маалска екипа со 38 годишен ветеран кој својата кошаркарска кариера ја има завршено пред пет и повеќе години, добива екипа каква што е Пелистер, која што неминовно е меѓу најдобрите клубови во лигата во моментот, и е клубот кој што е во најдобрата форма. Зошто? Затоа што имаме малку повеќе м**а од некој друг, за да истрчаме и да се натпреваруваме“ – продолжува тренерот на ТФТ.
Што би промениле во македонската кошарка и целиот систем на натпреварување?
„Би променил многу работи па не знам ни од каде да почнам, но мора и да напоменам дека за се тоа е потребно време. Почнувајќи од најмалите работи во правилникот за изглед на тренер на паркетот, за изглед на дресови, потоа до сите оние работи кои што ја популаризираат кошарката како најави на натпреварите, диџеј и што се’ не. Во однос на оној дел со домашни и странски кошаркари моето мислење е дека не треба ништо да измислуваме, туку треба да превземеме нешто што функционира во Европа, каде во 90% од земјите е лимитиран бројот на странци по екипа на пет. Мојот личен став во моментов е дека бројот на странци во ростерот треба да биде ограничен на пет, а го поздравувам правилото дека само три од нив може да бидат на паркет во исто време. Они носат нешто што нас ни треба, ние пред се’ треба да видиме нешто. Домашниот производ треба да се заштити, но проблемот е што домашниот производ и злоупотребува. Јас лично од тренерски аспект го знам „фидбекот“ кој што го имам за моите млади играчи во тренинг процесот. Странските играчи носат некоја димензија која на нас ни фали, во однос на кондициска и физичка смисла, во однос на исхрана и градење на тело. Тоа е одраз на недостатокот на експерти, во кои тимовите не сакаат да инвестираат, а тие истите ја градат таа модерна кошарка во Европа“.
За крај, Смилковски откри и дел од деталите околу финансиската конструкција на клубот кој е меѓу најпријатните изненадувања сезонава.
„ТФТ во моментов има добри резултати пред се, бидејќи ги наттрчува другите екипи во Македонија. Ние играме во ритам со енергија, сето тоа е поздравено. Јас мислам дека во моментов ТФТ ништо и нема одземено на македонската кошарка, само и има придонесено. Ние оваа сезона имаме искористено 67 илјади евра вклучувајќи организација, буџет за плати и регионално натпреварување. Она што е апсурдно е тоа што ние од 67 илјади евра за буџет за плати до моментот, со ниеден ден задоцнување имаме потрошено 25 илјади евра, што е 30% од целата финансиска конструкција на клубот, останатите 70% се инвестиција во организацијата и инфраструктурата, јас во тоа верувам и тоа го пропагирам. Мене многу ми пречи тоа што ние сме толку анемични, што со исклучок на МЗТ, на тие огромни цифри кои што се свртени во македонската кошарка немаме еден кој што рекол ‘Дај да видиме како тоа изгледа надвор, дај да пробаме нешто да направиме’“ – завршува тренерот на ТФТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА