Дисингер: Го добив „чудото“ што ми требаше за да останам во Вардар

Верува во новиот проект на Вардар и се надева на повик во германската ракометна репрезентација. Кристијан Дисингер беше меѓу најразочараните во периодот на големата криза во клубот, особено во зимскиот период кога напуштија и дел од играчите, но затоа пак беше и меѓу првите кој се согласи да остане во Вардар иако во еден момент од сезоната изјави дека само чудо би го натерало да остане. Во интервју за www.morgenweb.de, Дисингер објаснува како ја донел одлуката.

„Ги догoворивме работите со претседателот Михајло Михајловски и ќе останам во Скопје и следната сезона. Пред полуфиналето во Лигата на шампионите со Барселона реков дека чуда се случуваат. И овде навистина се случи мало чудо. Се тргна во вистинска насока. Едно е сигурно, не сакам да доживеам повторно сезона како претходната кога немавме плата премногу месеци. Беше тешко да се фокусираме на ракомет. Тоа се чувствуваше во тимот. Тренинзите беа катастрофа. Но, тоа не беше поради тренерот туку поради целата ситуација. Доброто беше што ние воопшто не се каравме меѓусебе. Михајловски ме убеди дека тимот ќе добива пари секоја месец. И немам причина да се сомневам во тоа. И не сум единствениот кој мисли така. Останаа и Стоилов, Дибиров, Чупиќ“ – вели Дисингер.

Германецот воопшто не се кае што донел одлука да дојде во Скопје во 2018 година. Имал неколку опции, но ја прифатил понудата на Вардар бидејќи сакал авантура во земја која не му е позната. Секако репутацијата на Вардар одиграла голема улога.

„Знаев дека финансиската ситуација не изгледа добро, но преовлада мојата желба за авантура. Првата сезона беше неверојатна. Ние не бевме тим, бевме семејство. Речиси никогаш не сум видел таква кохезија. Но, по освојувањето на Лигата на шампионите, работите наместо нагоре, тргнаа надолу. За среќа, тоа е минато и решение е најдено“.

Пречекот во Скопје по освојувањето на трофејот во елитното ракометно натпреварување комплетно го изненадил Дисингер. Дотогаш сметал дека такво нешто има само во фудбалот.

„Беше неверојатно. Секој спортист сонува за такво нешто. Огромен број луѓе не чекаа на аеродромот, чекаа повеќе часови да слетаме. Потоа со отворен автобус не одведоа до центарот на градот. Вообичаено тоа трае од 15 до 20 минути, но нашето возење траеше два и пол часа затоа што насекаде имаше луѓе кои се радуваа со нас. Луѓе имаше по прозорците, по мостовите, околу автобусот. Не пречекаа околу 300.000 луѓе. Искрено, дотогаш мислев дека тоа го има само во фудбалот“ – воодушевено зборува Германецот.

Во периодов на корона-кризата, Дисингер е во Скопје. не се жали од тоа што останал. Се подготвува да оди во Германија, но за тоа ќе му требаат и дополнителни дозволи поради преминувањето на повеќе граници. Во интервјуто ја објаснува целата ситуација овде, полициските часови и неможноста да се излезе од дома. Добро е, вели, што конечно се отворени рестораните.

 

 

Се вчитува...