Понуда од која боли глава: Меси има на маса една милијарда долари, дали ќе ги прифати

Лионел Меси се уште тактизира околу одлуката каде ќе настапува следната сезона, а единствена работа што делува сигурно во моментов е дека ќе си замине од ПСЖ како слободен играч, по две години минати на „Паркот на принцовите“.

Јавна тајна е дека Меси сака да се врати назад во Барселона, но овој трансфер делува крајно компликувано поради фактот дека каталонците се уште имаат сериозни финансиски проблеми слични на оние поради кои Лео мораше предвреме да го напушти „Камп Ноу“. Иако Лапорта најавува дека ќе стори се за да го врати „омилениот син“ назад во клубот, шансите за такво нешто не делуваат преголеми, па од ден на ден се поголема е веројатноста дека Меси ќе ги следи стапките на Кристијано Роналдо и пред крајот на кариерата ќе заигра во Саудиска Арабија.

Ал Хилал е клубот што будно ја следи ситуацијата на аргентинскиот генијалец, а според последните информации понудата што ја добил Меси ги надминува границите на нормалното. Имено, Аргентинецот ќе може да потпише договор на „две плус една сезона“, а ако го испочитува ова и остане до 2026 година во Саудиска Арабија, ќе инкасира неверојатна една милијарда долари. Станува збор за сума што е двојно поголема од она што Кристијано Роналдо би го заработил во оваа земја, уште една причина за Меси сериозно да ја разгледа понудата и да се реши за најбогатиот договор на сите времиња во светскиот фудбал.

Таткото Жорге Меси во текот на вчерашниот ден изјави дека неговиот син нема прифатено ниту една понуда, демантирајќи дека има „дил“ со Ал Хилал. Сепак, шпанските медиуми тврдат дека Лео сака да му даде уште малку време на Лапорта, да види дали е можен камбек во Барселона, а доколку тоа не се случи веднаш ќе се пресели во Ал Хилал.

Се вчитува...