Италија ја „торпедираше“ Србија во Берлин – Јокиќ и компанија се враќаат во Белград

Српската кошаркарска репрезентација преживеа вистински шок на Евробаскетот откако препрпе елиминација во осминафиналниот натпревар против Италија. Србите кои важеа за топ фаворит на континенталниот собир групната фаза ја поминаа со перфектни „пет од пет“, но не можеа да се спротивстават на италијанската „артилерија“ која по 16 постигнати тројки славеше со 86-94.

Одличното отварање на натпреварот експресно и донесе на Србија двоцифрена предност (20-9), а и покрај тоа што високата предност беше задржана до средината на втората четвртина, како што одминуваа минутите на паркетот завладеаја Италијаните. Добрата одбрана на „аѕрите“ го спречи лесниот проток на топката на „орлите“, а веќе до полувремето беше преполовена предноста на Србите (51-45).

Србија ја врати двоцифрената предност во третата четвртина (57-47), но расположените Италијанци продолжија да го диктираат темпото на паркетот. Од минута во минута благодарение на одличната одбрана со заштита на рекетот се топеше предноста, а со фантастичниот шут за три поени не само што беше превземена предноста туку Италија стигна и до позитива од 12 поени во средината на последната четвртина (70-82). Србија се обиде да се врати во мечот, ја врати и едноцифрената негатива, но секој налет на „орлите“ беше спречен од страна на Италија за голема победа.

Никола Јокиќ одигра нов маестрален натпревар постигнувајќи дабл-дабл од 32 поени и 13 скока, додека него го следеше Мициќ со 16 поени и 8 асистенции. Спису постигна 22 поени и 6 скока за Италија, додека еден поен помалку и 6 скока додаде Мели.

Се вчитува...